0%

Телефон:

+389 (0)2 2403-100

Е-пошта:

sales@fibernet.mk

Новости

ИНТЕРВЈУ СО НАЈБРЗИОТ МАКЕДОНСКИ МАРАТОНЕЦ

Спласна еуфоријата по неколкуте случувања изминативе денови и Скопје повторно е во истиот ритам. Она што остави најголем белег е токму одржувањето на традиционалниот ВизЕр Скопски Маратон. Јубилеен оваа година. 15-ти по ред! За да биде сето ова уште повпечатливо, 15-ти по ред настап и 5-та маратонска последователна победа за македонскиот атлетичар Александар Кираџиев со млад дух, брзи нозе и шампионско срце. Во знакот на достигнувањата, оваа година со најбрзо време ги истрча пеколните 42 километри низ улиците на Скопје – 02:37:41. Со овој резултат освои 6-то место во вкупна ранг листа, односно 1-во место меѓу домашните натпреварувачи. Разговаравме со него за импресиите од Скопскиот маратон 2019, за идните планови и достигнувањата од почетокот на годинава, па до денес.

1. Александар, додека е тазе, да се задржиме на овогoдинешниот Скопски маратон. Сподели ги импресиите!
За Скопски Маратон, секоја година е малку кога ќе се каже дека напреднал. Кога ќе го споредам со останатите маратони ширум Европа, каде што сум учествувал, СКМ и тоа како може да парира. Едноставно фасцинира упорноста и ентузијазмот на тимот и тоа каков тренд на напредок бележи.
Околу мојот настап, имав најдобар настап до сега на СКМ, за цели 4 минути подобро од било кој претходен мој настап на СКМ и воопшто најдобар резултатски маратон во мојата кариера, со соборување на мојот личен рекорд. Сето тоа претпоставувам ја докажува мојата форма и посветеност во маратонството.

2. Колку напорен тренинг е потребен за оваа година да истрчаш со најдобро време за тебе?
Па близу 3000км во тренинзи, инкомпонирани во 18 недели. Толку траеше мојот подготвителен тренажен процес оваа зима. Секоја зима, без исклучок, во скопски услови е исклучително тешка, од секаков аспект. Тренинзите пред работа ми се во темни и студени утра, често замрзнати или завеани. Вечерните тренинзи се исто така во темница, често магливи ноќи и студени. Така што подготвителниот период, без жалење но со реален осврт, на еден маратонец кој е со полно работно време, во Скопје, а не на некои потопли краеви и без работни обврски, е без преседан тежок, напорен и бара многу трпеливост и упорност, да би се поминало преку сите тие препреки и конечно да се дојде до некои резултатски макар мали поместувања нагоре.

3. Александар, кој е рекордот на ВизЕр Скопски Маратон и кога ќе го срушиш?
Рекордот на Скопски Маратон изнесува 2ч 12мин 36сек, истрчан во 2016 година и објективно гледано, огромна е веројатноста дека нема никогаш да го срушам. Тоа е едноставно резултат надвор од сите мои можности. Но бркам некои мои таргети и дел од нив ги остварувам, на дел од нив се приближувам. Оваа година успеав за повеќе од една ипол минута да го срушам рекордот на патеката истрчан од домашен тркач, истрчан уште пред 8 години. Нареден таргет, кој не успеав да го уловам, но сепак се приближив, беше трка под 2часа 35мин. Не отстапувам од таа идеја и се надевам дека со напорна работа, уште оваа есен и тој резултат ќе имам позади моето портфолио.

4. Изминатиов период, сведоци бевме на твои моќни достигнувања надвор од земјава? Каде настапуваше и со какви резултати се врати?
Најпрво, трчав на Државното првенство во крос и тоа во полна база стигнав до солиден резултат и трето место. Понатаму, во Март месец трчав 10км на трката во Крушевац. Таму успеав да истрчам мој најдобар резултат, што ми беше еден индикатор дека тренинзите се движат во правилна насока. И на 4 недели до Скопски Маратон, трчав на маратонот во Хановер, каде и го истрчав мојот до тогаш најдобар резултат во маратон, во кариерата (2:37:55). На неодамнешниот СКМ го подобрив уште еднаш мојот најдобар резултат за 14 секунди и сум многу задоволен што тоа го направив на домашен терен.

5. Неколку брендови стојат зад тебе и несебично те помагаат! Дали продолжува традицијата со ФИБЕРНЕТ М-К?
Да, традицијата на подршка од страна на ФИБЕРНЕТ М-К и оваа сезона продолжува. Таа фирма е една од ретките општествено одговорни фирми, кои несебично го подржуваат најдобриот маратонец во Македонија, но и некои други спортски проекти. Особено сум им благодарен и се надевам дека во иднина ќе имаме уште поголема соработка, но и со други општествено одговорни компании, ќе започнеме исто така конструктивни соработки и позитивни приказни.

6. Твоите нозе не се мирни дури и кога седиш! Кои се твоите планови и предизвици за периодот што претстои?
Па после Скопски Маратон вообичаено си давам мала воздишка, но оваа година ќе продолжам со уште неколку помали трки. Ќе трчам секако на Охрид ТрчаТ и на уште неколку трки во Србија и Албанија. Па по мала кратка пауза, повторно се враќам на тренинзите во полн капацитет, затоа што ми претстои интересна есенска агенда. А за таа агенда во некоја наредна прилика, кога и јас ќе ја имам точно дефинирано.

7. За крај, ти посакуваме твоите лесни нозе да те искачат на уште европски и светски пиедестали.
Ви благодарам многу за содржајноста и конкретноста на прашањата, во чии одговор можевме посуштински да навлеземе во оваа наша проблематика. До следна прилика, искрено ве поздравувам.

mk_MK